PL  RU  EN  FR  UA  SR  MK

ИКОНОСТАС НА СВЕТЛИНАТА


АДАМ СТАЛОНИ-ДОБЖАНСКИ


Потпис на уметникот, составен во форма на готски амблем од првите букви на неговото име и презиме, кои се испреплетени меѓу себе: АСД, истите го претставуваат бродот на Свети Петар, насликан (во средината) на еден грчки крст.




Jан Сталони-Добжански. ВИТРАЖ

На маса долга три метри и широка метар и половина лежи свиток хартија. Горните агли се притиснати со тешки тегови. Штотуку развитканиот свиток сака да се врати во својата првобитна положба. Тоа се случува со оној дел кој виси под масата. Дотолку подобро, барем не им пречи на нозете. Масата се наоѓа во средина на голема просторија, а под неа има сандак и неколку картони. При влезот (на големата просторија) има уште еден сандак, а на него постела и волнена прекривка, извезена со народни мотиви. На спротивната страна има витрини, а во нив има стотици книги, албуми и снопчиња здиплени документи. На ѕидовите има икони и слики – некои ставени во груби дрвени рамки, а некои во древна, позлатена резба. Има многу слики: пејзажи, коњи, портрети... Под прозорецот има отворен висок сандак. Од него се наѕираат свиткани цртежи и скици со разни големини, некои уште бели, а други се покриени со мозаик од геометриски дамки, од кои понекаде ѕирка око или се подава нечија рака. А на масата една друга рака, со густа чкртана линија го покрива, до само минута претходно чистиот, бел лист. Како да следува некој невидлив образец, кој со брзи потези создава многу јасен, но во исто време и лесен цртеж, та во секој миг линијата да може да се избрише, или да биде пренесена на некое друго место. Сепак, тоа се случува многу ретко и најчесто изгледа дека истото и не е скица, туку готов цртеж. Тоа не е крајот, бидејќи сега треба листот да го поместиме од дебелата хартија за три метри и белиот, уште слободен дел, да го пополниме со нови линии кои идеално се вклопуваат во веќе завршениот дел од работата, а кој веќе исчезнал на другата страна од масата. И така, пет пати, бидејќи листот е долг околу 15 метри. Скицата на крајот е завршена. Тоа е првата буква во приказната за уметникот и неговата работа. Свитокот од дебелата хартија повторно се враќа во својата првобитна положба. Повторно се ставаат тегови по аглите. Малата четкичка се макнува во шишето со туш и се движи по веќе исцртаните линии. Некои линии се цртаат со помош на линијар, долг и до два метра, другите се цртаат со слободно и лесно движење од сигурните раце (на уметникот), а третите, тоа се совршени кругови, кои ги прави четкичката врзана со тенка струна и која уметникот ја придржува со големиот прст од другата рака во центарот на кругот. Четкичката често се макнува во тушот, па црта беспрекорно тенки и чисти линии. Тука е и другата нешто покрупна четкичка. Таа ќе ги црта покрупните, главни линии, контурата на ликовите, рацете, наборите од одеждите. Тие покрупни линии укажуваат каде треба да се применат подебели шипки од олово во конструирањето на конечната форма на витражот. Дури сега почнуваат да се појавуваат првите елементи на крај-ниот изглед. Стотиците линии образуваат богата, но многу урамнотежена композиција, каде мноштвото од нежни елементи се врзуват за цврста мрежа од крупни линии. А со самиот тој сплет управуваат – како некои генерали што командуваат со армија – моќни кругови од ореолите, кои се наоѓаат на клучните точки од композициите. Значи, тоа е некоја евангелска или библиска сцена. Ако во некои од ореолите забележиме форма на крст, тоа е од Новиот Завет, бидејќи во него е ликот на самиот спасител Исус Христос. Нашиот поглед се задржува на главните елементи – тоа се ликовите и рацете на светителите. Очите, усните, прстите – воодушевувачки живи, а се направени од остри стаклени кристали! Одеднаш сфаќаме дека сè е од кристали, како самото стакло да се вклопувало во монументалниот лик. Како тоа да не е уметникот кој управува со материјалот, туку материјата изнајмила уметник, за да и служи со својата имагинација, својот талент и со својот труд да. Како самото стакло да посакало да ја раскаже историјата на спасението, на библиската историја за Бога и за Неговото, за светост способно создание, боголикиот човек. Тоа (стаклото) во вид на песочни кристали било одамна пред нас, уште во третиот ден од создавањето на светот и помни сè што е создадено од десницата на Творецот. Тоа помни кога во рајската градина од него се создадени нашите материјални тела. Но, тоа ги познавало кога биле поинакви, тоа се сеќава на нивното првобитно кристално чисто совршенство, кое не знае за грев, за пад и за мака. И денес тоа моли од Господ повторно да покаже макар и отсјај од тоа совршенство. А таква искрена молитва не може да остане без одговор. Изгледа дека графичкиот дел од работата е веќе завршен, но тоа не е така. Повторно хартијата се враќа на своето првобитно место. А во окната, одвоени со линиите на туш-олово, се лепи подлогата за композиција на идниот витраж. Подлогата од сликата ја излива третата, или поточно четвртата димензија на хартиениот шаблон. Ако е четвртата, дури, и ако е само третата димензија, тоа е многу за рамната површина на сликата. За тоа ќе говориме нешто подоцна, а сега ќе говориме за четвртата димензија. Четвртата димензија веќе еднаш се појавила во црковната уметност, заобиколувајќи ја третата. Постоеле двете димензии на листот, и четвртата димензија на Словото. Тоа е Евангелието, украсено со десетина разнобојни минијатури и украсни иницијали букви, во кои е славата на Словото Божјо. Сега и овде се јавува говорот на Светото Писмо, ред по ред исполнувајќи ја рамната сликата со совршен орнамент од пишувани знаци. Според суштината на содржината, тоа не е само вредносно дополнување, туку, тоа е основата на сето дело. Пред нас е парадоксална книга на минијатури, кои се издигнати до монументални размери во архитектурата. Пред нас е свештена книга во која Речта и Ликот ја создаваат полнотата на вселената – два еднородни космоса – духовниот и материјалниот, видливиот и невидливиот свет. За впи-шување букви од Светото Писмо се користи уште еден инструмент – стапче со остар крај, поточно мноштво од такви стапчиња со острици од разни ширини. Тоа го дозволува изборот на соодветните големини на буквите во зависност од формата на витражот и потребата на композицијата. Текстот, кој се извива под нив, тече во дијалог на посилни и послаби притискања. Стапчето дава најдобри резултати во испишување на текстот. Четката постојано е влажна и секогаш полна со туш, додека стапчето или има многу или сосема малку туш, па испишаните букви или имаат или поголема или помала „длабочина. На картонот се појавува неочекуван фантастичен ефект на релјеф. Потешките, монументални вертикали, кои, не само што се извиткуваат во меки елипсовидни кругови, туку, во бранови час се внурнуваат во длабокиот мрак, час излегуваат кон светлата површина. Линија по линија, течат многуслојните формули на хармонија – лебдат во рамни достоинствени редови. Како манастирско пеење, како шумот од морските бранови, смирувајќи ја секоја горчина во срцето. И, повторно тешката хартија се поместува напред. Јагленот и тушот настапуваат наместо живописната палета. Колекцијата на бои не е богата, дури во процесот на избирање на стакло, трите или четири разни нијанси на црвени бои на картонот ќе се преобразат во десетина разнобојни отсјаи. Засега ги имаме црвената, портокаловата, розевата и во краен случај килибарната боја. Секоја нијанса се впишува одвоено, секоја се наоѓа по четири пати, секоја ги пополнува фрагментите од хартијата, кои често се поместуваат горе-долу. Таа работа често бара враќање назад и надополнување. Сè почнува од неколку основни обоени полиња, по кои доаѓаат малите странични окца. По црвената боја доаѓа зелената, па жолтата, и на крајот разни сини – светлосини, темносини и пурпурни. Така сложени, слоевите од бои создаваат идеална хармонија. Хармонијата е совршена, затоа што е прекршена, не до крај идеална... земски. Овде се појавуваат, како во врвна кујна, чудни спојки на вкусови, примамлива дисхармонија, која на тој навидум строг процес од бои му дава динамичност. Но, тоа не е сè. Овде, покрај внатрешниот дијалог на бои се гледа и нивниот танц со формите, кои се создадени од линиите. Боите одат по нив како што овците го следат пастирот кој ги води кон најдоброто пасиште. И, уште едно изненадување. Ние на хартијата гледаме луѓе слични на нас – гледаме лица, очи, раце, светители, сè слично на нас. Но одеднаш сфаќаме колку тие и се разликуваат од нас. Пурпурните, килибарните, зеленикавите ликови, огнено темните црвени очи – тоа е чисто уметнички изум, апсолутна уметничка авангарда. Авангарда, или поконкретно мистично гледање на едно со друго, на сега веќе воскреснатото тело насликано со сите бои, со бои од облаците во момент на изгрејсонце или зајдисонце. А во светлите зеници огнот на Светиот Дух, неуморно ги озарува душите на патријарсите, пророците, апостолите и светителите. Конечно, работата со картонот е речиси завршена. Уште само со крупна четкичка се цртаат масивните железни рамки, кои во прозорците ќе ги држат одвоените делови на витражот. Сега картонот веќе самиот по себе е уметничко дело. Црната боја е главна во витражот. Како што „Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати (Јн 1, 5), така и витражот се раѓа од темнината, и темнината ќе отстапи пред него. Ако, бивајќи недоволно упатен во витражната техника, уметникот направи премногу светли композиции, тогаш тие на спротивставените ѕидови заемно ќе се осветлуваат одвнатре, и така ќе ја изгубат сета сила и убавина на својата стаклена, од сонцето зажарена супстанција. Витражниот картон за вна-трешноста на храмот е само прва етапа, почеток пред главниот дел на сета работа, која ќе трае неколку недели, а понекогаш и многу месеци. Но, тој картон за љубителите и познавачите на уметноста е посебно уметничко дело. Посебно, бидејќи се случува витражот, чиј прототип е картонот да се разликува. Работејќи директно со стакло, уметникот понекогаш нешто променува, додава или дополнува. Не многу, но доволно за да остави две различни уметнички дела, израз на својата творечка визија. После долготрајното создавање на првобидниот проект на картонот, идниот витраж заедно со останатите картони подготвени за сите окна од храмот, оди во витражното атеље. Таму го очекува вистинска средновековна алхемичарска лабораторија, кутии со разнобојни прашоци, преси за изработка на оловни контури, дијамантски ножеви за обработка и сечење на стаклените парчиња покриени со цртежи и патина кои ќе влезат во идниот монументален витраж. И, насекаде стотици стаклени површини, стотици илјади нијанси на бои – кој да ги изброи? Чие око би ги препознало сите деликатни разлики? Доволно е во фабриката за стакло да се додаде малку повеќе или малку помалку од некоја боја, и ете ти нова, безимена боја. Големи сталажи направени од груби штици, стојат насекаде во работилницата, полна со неброени стаклени парчиња кои се претвораат во илјадниците бои на виножитото. Пред прозорите има монтажни маси, едни дрвени, а други стаклени, кои служат за конечната монтажа на витражната материја. Но која материја? Овде се создаваат композиции од сончеви материи, овде се обработува таворската светлина, овде се призива името на Синот Човечки – Светлината на светот. Во витражното атеље главни се мајсторите-витражисти, занаетчии, кои прецизноста на своето мај-сторство го усовршуваат со години. Тоа е причината поради која повеќето, дури и многу искусните уметници не се осмелуваат да го поминат прагот од оваа хала, доверувајќи ја конечната обработка на своите дела, на искусни занаетчии. Само некои, ретки меѓу нив се осмелуваат да стапнат во тој затворен свет на „стаклената алхемија, кој од нив бара да ја завршат следната „витражна академија. Така беше и со нашиот уметник, кој, како мајстор на формите и на боите, станува и гспо-дар на стаклото и на светлината. Најнапред, картонот се распространува на уште поголема маса од онаа во атељето на авторот. Таа може да биде дури и осум метри долга, но ни тоа не е доволно за во еден замав да се заврши ниту првата од дванаесетте етапи кои ни очекуваат. Повторно ќе треба монументалната композиција да се помести за да можат да се нацртаат сите потребни шаблони за изработка на витражот. Под шаблонот се подметнуваат два свитока од бела хартија, првиот подебел, а вториот потенок, а помеѓу нив има два слоја од црн калк. Сега раката на уметникот, вооружена со тврд и многу остар засечен молив, се движи по средината на секоја црна линија од витражниот цртеж. Сантиметар по сантиметар се пренесува графиката на хартијата под калкот. Тоа трае со часови, рацете поминуваат километри, додека не дојдат до одредената цел. Tие витражи ќе бидат меѓу највредните кои воопшто во таа работилница се направени и се создадени од многу мали парчиња стакло, а соединети со многу густа мрежа од оловни линии. Првата етапа е завршена и шаблонот се симнува. На двата свитока од хартија сега има две идентични копии од шаблонот. Тенкиот ефемерен цртеж помалку наликува на првобитната скица од јаглен, но овој е многу поточен, со милиметарска точност ги отсликува малите окца од витражот. Сега, на секој пар од тие стотици површини им се дава единствен реден број. На крајот, тенкиот лист хартија се намотува во свиток – подоцна истиот ќе биде карта според која ќе се склопува витражот. Третиот подвиг се состои во тоа подебелата хартија точно да се исече на одвоени шаблони. За тоа се користи специјален нож со две сечила. Тој овозможува да се отфрли дебелата црта која одговара на оловната мрежа за врзување на стаклените делови. Дебелината на мрежата е секогаш иста. Сега секој нумериран шаблон одговара на точната форма од стакленото окце на идниот витраж. Четвртата задача, која може да ја изврши само уметникот, тоа е бојата на стаклото за секој посебен шаблон врз основа од палетата со бои од картонот. Тоа е создавачка работа, каде што една портокалова или розова боја од картонот би добила неколку различни, едвај забележливи нијанси. Петтата задача е сечење на секое окце од стаклената табла која за него ја одредил уметникот. Овде грешка од еден милиметар би можела да го доведе во прашање склопот на целата секција, а неколку такви грешки би можеле да го осуетат и склопот на целата композиција. Затоа, таа работа секогаш ја извршува специјалист-витражист, кој со години е обучуван во непогрешливост во ракувањето со дијамантски нож за сечење стакло. На крајот, по повеќедневната минијатурна работа, на масата се поставува тенката хартиена карта, а на секој нејзин квадратен сантиметар се распоредува соодветен кристал од обоено стакло – од стотици или илјадници кристали – кога станува збор за композиција од петнаесет метри. А тие понекогаш се огромни. Решението на таа главоболка е шестиот подвиг, а тоа е можно исклучиво доколку шаблоните, кои сега се под секое стаклено парче, биле нумерирани. Потоа на ред ќе дојде уште потешката уметничка задача. Уметникот, секој дел од стотиците и илјадниците парчиња од стакло, ќе го земе и ќе го покрие со црна патина која служи само да се нанесат на неа цртежите и буквите. За еден ден, неколку стотици, за една недела, неколку илјади, за еден месец, десетици илјади. Секојдневно, исцртаните стакла ќе бидат носени во посебна печка каде што цртежот засекогаш ќе се слие со стаклото. Иако седмата задача ќе трае долго, со недели, а понекогаш и со месеци, таа нема да се заврши со конечно местење и на последното стакленце. Некој незначителен дел од стакленцата, ќе напукне од високата температура па затоа ќе има потреба повторно да се бара стакло со соодветна боја, да се сече, исцртува, и повторно да се пече во печката. Дури тогаш и овој, седми подвиг, ќе биде завршен. Осмиот подвиг е всушност е повторување на седмиот. Само овој пат на стаклото ќе се нанесува и пече патина во боја. Посебна за секоја витражна боја, во зависност од создавачкото вдахновение и талентот на уметникот. На црвените плочки се нанесува килибарна или розе патина за да затанцува во дијалогот од бои, а на светлосината се нанесува темносина боја. Впрочем, хармонијата на боите може и да се разбие, па да се соединат боите со спротивните страни од виножитото. И, повторно, треба да поминат недели и месеци работење, пред да бидат готови илјадниците делови од стаклени плочки за склопување во конечниот витраж. И секоја плочка од моментот кога била исечена, барем десетина пати поминала низ рацете на уметникот. Десеттиот подвиг, тоа е макотрпен процес на склопување и корекција на сите конечно испечени стакла во одвоени секции на витражот. Тоа се работи на подлога од дебело полупрозирно стакло, која се поставува кон прозорецот. Сончевата светлина ќе овозможи да се постигне осветлување слично на онаа што ќе ги запали боите на витражот во внатрешноста на храмот. Една секција по друга постепено ја раѓаат целата композиција, но сè уште без оловните жили, кои подоцна ќе ги поврзат. Само шарени сплетови од бои прилепени на стаклена подлога со мали топчиња од пластелин. Оваа етапа е крајна при проверката и заменувањето на плочките, ако се покаже таквата потреба. Тоа е најудобниот момент за да се подобри цртежот, патината или нијансите на стаклото. Тоа трае уште неколку денови, бидејќи повторно треба да се сече стаклото, да се покрива со патина, со цртеж, да се обработува на висока температура... Десеттиот подвиг – тоа е пренесување на цели секции од витражи, плочка по плочка на дрвена подлога, и нивно по-ставување на оловната мрежа. Таа работа ја извршува мајстор под раководство на уметникот. Потем, секое стакленце кое е оковано со оловни капки, сето се заварува со олово. Потоа, речиси готовата секција се доверува на помлад соработник, кој со оловен оксид ќе ги пополни сите шуплини. По неколку денови, кога оловниот оксид ќе се стврдне, конечно витражот се чисти и се пакува во дрвени сандаци исполнети со слама. Неговата стаклена супстанција треба да биде доставена цела и неповредена во храмот, кој може да биде оддалечен неколку десетици па и неколку стотици километри Единасеттиот подвиг е монтажата на готовите секции на витражот во прозорците од храмот. Добрите мајстори витражисти се способни за само еден ден да постават цел огромен витраж, но и така сета работа ќе трае најмалку една недела. Потребно е разните секции од витражи да се спојат со челично засилување, а истото да се зацврсти во прозорските рамки и ѕидот. Тие челични засилувања се неопходни, како за заштита од удари на ветар, зашто витражот е едно големо едро, кое е составено од тенки стаклени плочи, а кои се соединети со најмекиот метал – оловото. Не само од ударите од ветрот, туку, треба да се заштити и од сопствената тежина. Тоа би можело да биде и крајниот дел од потфатот. Но не е! Дури сега уметникот, по првпат, го гледа своето дело во целост. Стоејќи пред витражот, првпат ја гледа својата некогаш замислена убавина во потполн сјај, го гледа резултатот од својот многумесечен, а честопати и многугодишен труд. И, тука одеднаш се обраќа кон на старешината на храмот: Видете оче, таму горе на ликот на светителот, треба да заменам еден детаљ со потемно стакло, а таму, на она друго место, бојата не одговара. Ве молам, не го отстранувајте скелето, бидејќи ќе се враќаме за три дена да ги замениме. – Не треба Маестро, одговора свештеникот, – таквите ситници никој нема да ги забележи, ниту јас, а ниту, пак, некој од моите парохјани. – Како тоа никој!? – возвраќа уметникот: А небесните ангели? Како ќе се оправдам пред нив за незавршената работа?





| ГЛАВНА СТРАНИЦА | КОНТАКТ | НОВОСТИ | УМЕТНИК | СОЗДАВАЊЕ | КАТАЛОЗИ И МАТЕРИЈАЛИ | ФИЛМОВИ | ИЗЛОЖБИ | ПОКРОВИТЕЛСТВА | Deep. © 2011-2018