PL  RU  EN  FR  UA  SR  MK

ИКОНОСТАС НА СВЕТЛИНАТА


АДАМ СТАЛОНИ-ДОБЖАНСКИ


Потпис на уметникот, составен во форма на готски амблем од првите букви на неговото име и презиме, кои се испреплетени меѓу себе: АСД, истите го претставуваат бродот на Свети Петар, насликан (во средината) на еден грчки крст.




Jан Сталони-Добжански. ИКОНОПИСЕЦ

Вистинскиот иконописец се подготвува за пат надвор од нашиот свет, пат кој не нè води низ просторот, туку низ времето во безвремените денови. Тоа воопшто не се знаменитите шест денови на создавањето на светот, не се време на минатото, туку ерата на Царството Небесно, време без време, епоха на нова земја и ново Небо, кои ќе настанат по ветеното Второ доаѓање на Синот Човечки. Тој влегува низ вратата од Божјиот храм, кој му бил откриен на светиот апостол Јован Богослов, влегува низ вратата на Новиот Ерусалим, каде што ќе му биде дадено познавање на материјалот од кој се гради светоста. Тој материјал отсекогаш бил убавина. Бидејќи е непроценлива, таа може да му се даде единствено како дар, под услов, во иднина, да не се служи со никаков земјен материјал во својата работа. Тоа задолжение на „Ангелскиот мајстор му наложува одговорност и најголеми можни создавачки и духовни побарувачки, но му дава и значајни привилегии. Му дозволува да се убеди во тоа, дека и самиот е слика и прилика, образ и подобие на Создателот на светот. Да познае и да сфати дека, користејќи ги даровите од Отецот, е во состојба да создава дела достојни на Новиот Ерусалим. Како што е напишано во Откровението: И ќе ја внесат во него славата и честа на народите (Откр. 21, 26). Со тоа тој се разликува од земниот мајстор, кој потопен во делата од овој свет, се труди да направи портрет на паднатата и грешна земја. Нема значење дали тој ја осудува или порекнува грешноста, или пак, со неа се гордее – неговата четкичка им припаѓа на минливите нешта, на второстепените нешта, на трулежните нешта. Тој се сраснал со земјата, и во судниот ден со неа и ќе исчезне. Вистинскиот иконописец е ослободен од овоземниот метеж, тој ништо не порекнува и со ништо не се труди нешто да поправи, не се обидува да ја поправи реалноста. Уште повеќе, тој и не влегува во допир со неа или во некоја заемност, бидејќи знае дека таа во принцип е непоправлива. Наместо тоа, тој предложува друга преобразена реалност, која во својата првобитна полнота на благодат, на хармонија и на убавина се симнува од Таворските висини. Тоа видување е достојно само на старозаветните пророци, но овојпат, тоа не го наговестува доаѓањето на Месијата од Небото на земјата, туку издигнувањето кон Новиот Ерусалим, кон Синот Човечки на Небесата. Сепак, иконописецот, вле-гувајќи низ вратата на Новиот Ерусалим, должен е да исполни еден најтежок услов – тој е должен ... да умре. Кој ќе го види Лицето на Бога, должен е да умре, како што му рече Господ на Мојсеј. По доаѓањето на Христос, тоа значи да се остави сè што е земно зад себе, да се одрекне од светските радости, желби и страсти, и да се отфрли земното надевање. Ако, пак, се враќа во овоземниот свет, се враќа само со својата четкичка. Адам Сталони Добжански умрел за светот и за себе, постанал глув и слеп за сè што е земно, минливо и што е запишано на страниците од светската историја. Тој подигнал ѕид низ кој вревата од секојдневниот живот не можела да продре (помине). Затоа и му било дадено, од Новиот Ерусалим на грешната земја да и пренесе ронки од небесната убавина, сила и смисла. На таа убавина името и е икона. Неговата главна задача не била да ги украсува христијанските храмови, ниту да создава фрески, витражи, икони и мозаици. На него му била доверена многу посериозна и поопасна мисија. Тој постанал земски криумчар на сјајот и силата од небесната убавина. Криумчар, зашто земјата уште од старина го востановила ембаргото на убавината и славата на Небесниот Ерусалим, а притоа немилосрдно ги казнувала оние кои се осудувале да ја нарушат таа забрана. Оној, кој во своето дело ги спомнува совршената видлива и невидлива убавина, создадена со Божјата волја, во современиот свет подлежи на исмевање и препреки. Нему не му се дава пристап до главните културни текови, туку бива маргинализиран. Прогласен е за бунтовник, кој со нелегални средства на луѓето им напомнува дека постои и друг свет, друга реалност. Затоа сега луѓето треба да ја заборават својата небесна татковина – тие сега имаат друга задача, покорно да маршираат во сенка, во ропска колона на паднати созданија, како програмирани потрошувачи бесмислено да ги поминуваат деновите, потопени во наркотична фантазија за земниот рај, кој е тука веднаш до прагот. Но иконата нè буди од летаргичниот сон, нè повикува да ги скршиме оковите на неподносливата секојдневна врева, и да се вратиме кон убавината, слободата, да се вратиме во одамна изгубената состојба на чеда Божји, состојба на синови на кои им е дадено право со Божествената четкичка да се превознесат кон својот Отец, Творецот на светот. И, по благодатта Негова да продолжат да ја создаваат убавината. Икона, тоа е престап, тоа е спасоносно нарушување на поредокот. Затоа толку често иконата на Спасителот е проследена со својот сопствен Via Doloros, со својот сопствен пат на страданија, на чиј крај е крстот... крстот на иконоборството. Но, тој всушност и се јавува како доказ за нејзината светост. Секој, кој наспроти светот и неговите закони, со чисто срце стои пред иконата, кого како со плашт го обвиткува и го чува нејзиниот сјај и хармонија, тој веќе е на патот кон спасението, тој веќе го напушта пазарот на овој минлив свет. Го напушта пазарот каде сè е пара, а парите се сè. Но, како да ја купиме убавината, ако таа не воскресне во нас? Обидете се да излезете со неа во „овој свет, обидете се на овој свет да му предложете убавина, која не е од „овој свет. Тоа е како од него да се бара конечно да признае дека уште не е совршен, дека е фаличен, дека крајниот одговор не е во него, туку некаде далеку, вон неговите граници. Таквата дрскост од разбирливи причини заслужува заслужена казна. Младоста на Адам Сталони Добжански се совпаднала со крватите години на револуцијата и граѓанската војна во Русија, со првите години на болшевичкиот терор. Тој ја видел катастрофата на убавината, стоел пред спалени и разрушени цркви, пред уништени икони и цели иконостаси. Во еден летен ден дури бил сведок на едно чудо, кога под еден слој од пајажина на необјаснив начин се обновиле фреските на древен храм, кој болшевистите го претвориле во кино сала. Но вистинско чудо било тоа што тој убавината ја сочувал во своето срце, која го водела и преку хитлеровски строј за стрелање, и преку страшните комунистички мачилишта. Го водела кон иконата. Никогаш не скр-шнал од патот, никогаш не се посомневал, ниту пак губел надеж, никогаш не се покорил пред силата на злото и презирот кои биле судбина на неговото поколение. Не преминал како многу од неговите современици кон темната страна на уметноста, па да ја велича очигледната беда на светот во кој требало да живеел, не сакал да се валка во нечистотијата и гревопадот, кои ние самите и го наметнавме на кутрата земја и на својот сопствен врат. Награда за храброста на овој човек била неговата слава, која вклучува фрески од 32 православни и римокатолички цркви, како и, преку 200 витражни површини во повеќе од 30 православни, римокатолички, па дури и протестантски храмови. Титанско дело на обичен човек. Впрочем, не се бројките тие кои ја одредуваат вредноста на уметниковите от-критија, туку моќта на неговите создавачки видувања. Адам Сталони Добжански се вратил кон изворите на црковната уметност, кон наследството од пред првата византиска иконоборска криза, кон иконите кои биле родени од прамена вера, од мистично висхитување, од поимање на она што е недостапно за нашите очи, од чистината на срцата, од неракотворната сила. Да, неговите икони, витражи, мозаици и фрески се неракотворни. Тоа се дела во чие создавање, раката и четкичката човекова се управувани од десницата на неговиот Господ и Мајсторот на сета твар. Земниот мајстор своето име го заслужува само тогаш кога послушно Го следи својот Божествен Мајстор, Го следи Создателот на видливата и невидливата убавина. Убавината на делата воодушевува со својата великолепност, но и со едноставноста. Тие се длабоки, но истовремено лесно можат да се опфатат и со еден поглед. Десетици нивоа и смисли, кои се содржани во секој лик, изгледаат толку јасни и разбирливи како речник од мало дете. Витражите на Адам Сталони Добжански го покажуваат најголемиот степен на мајсторството – ја откриваат тајната на таканаречената „обратна хармонија«, т.е. хармонијата која се раѓа од средбата на најочигледните антинмии. Ајде да ја погледнеме воодушевувачката монументалност на сите композиции на уметникот, без исклучок, и најголемите и најмалите. Нивната реална големина не игра никаква улога. Тајната се крие во внатрешната конструкција на ликовите, кои секогаш се потпираат на минијатурата. Бидејќи, монументалноста не се раѓа од големината, туку од својата спротивставеност, од маленкоста, која со своето повторување расте не само праволиниски дури ни просторно, туку се воздигнува на непоимлив степен Аn. Како планина, чија големина е создадена од мноштво карпи и камења, како црква создадена од милиони цигли и керамиди. Витражите се книга со минијатури, кои трпеливо, страница по страница, се издигнуваат со „Opera Omnia» до конечниот монумент. Понатаму, следејќи го тој ист пат, се среќаваме со следниот степен на посветеност во оваа тајна. Тоа е танц на крајно туѓи едни на други, понекогаш геометриски тврди, понекогаш меки би рекле „биолошки оловни жили. Тие се протегаат помеѓу Небото и земјата, како некој жичен мост, кој трепери во својата неуморна внатрешна дисонанса, во својата внатрешна напнатост. Сè додека таа напнатост, тоа двоумење не стане мост на кој меката, трошна и минлива земна материја ќе се сретне со кристалната, совршена, вечна небесна супстанција. Тие и двете со восхит гледаат на својата спротивставеност, и таа спротивставеност се пренесува на оние кои набљудуваат и ги покорува нивните срца. На крајот се приближуваме кон третиот степен на мајсторството. Тоа се поточните длабочини на светлоста, кои се протнуваат во кристалните плочки од стакло. Бидејќи, светлината е почеток, движење, стихија, затоа треба да се знае нејзината структура, ако се сака да се опфати и фати. Да се задржи светлината на едно место, но не да се изгаси. За да може, земајќи здив, сепак, сето време да се насочува кон хоризонтот. И, мајсторот ја нашол патината, која ја поставил во заседа на светлината, за во неа сјајот да се прелива и да искри, но да не замине. Солидната патина, структура на мустаќи од кит која никогаш не се витка од брановите, туку неуморно и постојано ја цеди водата од овој свет и ги разбива, ги приморува да течат спротивно, да се враќаат назад под стаклената површина. Во уметниковиот витраж, освен мајсторството на формата и бојата има уште едно, навистина коперниково откритие. Тоа е удвоено гледање на витражот, истовремено како живописна супстанција, и како скулптурна материја која е создадена од игра на светлината и на сенката. Витражните стакла не претставуваат само арабески од бои, туку и логичен систем од светли и темни сенки, кои при пренесување на црно-бела слика постануваат необично изразени „барелјефни композиции. Овде, отсликаната рамнина поприма третата димензија, започнува да го освојува просторот. На црно-белите фотографии на сите останати, како средновековни така и современите витражи, се губи великолепноста и уметничката вредност на претставените сижеи. А, витражите на Адам Сталони Добжански, во црно-бел дијалог не се ништо помалку моќни бидејќи, покрај тоа што се поживописни; тие биваат и скулптурно гледани. Тоа се величествени споменици на верата, скулптури создадени од светлината, исполнети со бои, повикани во живот од светот на кристалите. Како е тоа можно – во обични кристали, геометриски фигури, квадрати, ромбови, триаголници и аглов пулс, да се почувствува воздивнување? Тоа е можно само ако својата четкичка Му ја довериш на Бога и потоа очекуваш чудо. Тогаш чудо и се случува и синовите земни постануваат синови небесни. Според уметничката моќ, тоа се портрети на карактери, достојни на античките херои. Погледите, гестовите и позите на личностите не оставаат никакво место за сомнеж. Тие доаѓаат од место од кое никој не се враќа. Но, сепак, како пророкот Илија, поради нас се вратиле. Нивните очи и лица блескаат со сјај од другиот живот, кој може да стане и наше наследство. Тие молчат, тие ништо не треба да говорат. Нивниот поглед кој понира до најдлабоките места на човековите срца, сè прави јасно. Тие се водачи преку границата, на другата страна од вистинскиот живот. Тие ни се потребни, но и ние ним сме им потребни поради полнотата на Божјата Црква. Нивното одликување – палмата на мачеништвото – не било само поради нив.





| ГЛАВНА СТРАНИЦА | КОНТАКТ | НОВОСТИ | УМЕТНИК | СОЗДАВАЊЕ | КАТАЛОЗИ И МАТЕРИЈАЛИ | ФИЛМОВИ | ИЗЛОЖБИ | ПОКРОВИТЕЛСТВА | Deep. © 2011-2018