PL  RU  EN  FR  UA  SR  MK

ИКОНОСТАС НА СВЕТЛИНАТА


АДАМ СТАЛОНИ-ДОБЖАНСКИ


Потпис на уметникот, составен во форма на готски амблем од првите букви на неговото име и презиме, кои се испреплетени меѓу себе: АСД, истите го претставуваат бродот на Свети Петар, насликан (во средината) на еден грчки крст.




ГЛАВНА СТРАНИЦА

Можно е да се состават две биографии за овој уметник, две вистинити, но во исто време и различни, како приказни за неговиот живот. Првата, која се случува во реалниот свет и втората, историја на неговата создавачка фантазија. И токму оваа втората се наметнува како единствена вистинска и правилна за нас, како и за сите оние кои ја чувствуваат неговата уметност. Онаа првата, без разлика на илузијата на реалност, всушност, е второстепена. Второстепена, но важна, само поради тоа што со својот драматизам, Адам Сталони Добжански го насочила, конечно и неповратно, да се всели во својата создавачка фантазија и во своите уметнички замисли. Тој се населил таму, налик на древните анахорети и пустиножители, кои својата самотија ја делеле само со своето вдахновение и својот Господ. Сето тоа така прекрасно почнало во 1904 година, источно од Киев. Мајка полна со љубов, татко преполн со грижливост, богато детство како првороден син на почитуван судија во градот Мељн во Чениговскиот крај, во срцето на Руската империја. Детство материјало богато, но пред сè богато духовно и интелектуално. Татко му, потомок на гордо полско витештво, кое ги помнело победите на Грундвалските полиња, голем полски патриот, кој се вратил во родниот крај во источна Украина, по долгогодишното сибирско прогонство. А, покрај него, предадената и полна со љубов мајка Украинка, наследничка на староверската тра-диција и која уште ја паметела старата духовност на Киевска Русија и која ги зачувала богатството и мистичноста на византиската икона. Првата светска војна, па Болшевистичката револуција, во прав го разнеле тој светол сончев пејзаж. За прехранување останала само сточната репка. Со секојдневниот физички труд се обидувал да ги спаси родителите, кои морале да се кријат, а со нив и помладиот брат и помалата сестра. И надежта за обновената Полска, во која, конечно, семејството успеало да стигне благодарејќи на полско-советскиот договор за репартријација, односно преселба според националната определба. Но, и овде немало место за претходните хармонија и покој. Тоа било време на раѓање на националистичките идеологии, определување и групирање под национални и верски знамиња, кои наскоро Европа ќе ја фрлат во пранги на новата апокалипса, на полињата на смртта на Втората светска војна. Но, Адам Добжански му припаѓа на оној друг претходен свет, кој умеел да го соединува наследството на многу култури, народи и вероисповеди. Тој е наследник на Истокот и на Западот на европска цивилизација, на латинската култура и на византиската култура, и на руските и на полските национални вредности и традиции. Сето тоа нему не му предвестува ништо добро, бидејќи уште во гимназијата на себе го навлекува непријателство на учителите со националистичка ориентација. Сепак, ќе вкуси уште малку мир и спокој за време на студирањето во Краковската aкадемија за уметност (1928–1932), каде што ќе се сретне со многу исклучителни учители и наставници. Тоа е најстарата и најпознатата полска академија на уметноста, која уште ги памети своите генијални основачи, оние кои во уметноста создале чудото „Млада Полска. Овде уметникот ќе го добие од професорот Игнациј Пењковски своето творечко вјерују: Време е да ве нарекувам колега, а време е и така треба, да ви кажам и некоја поука. Вие, овде во нашата Академија, за овие неколку години, научивте дека севкупната уметност е само логика и наоѓање решенија. Но потајно знаеме дека нешто треба вистински да се сака. Ви посакувам сè најдобро. Додуша, почитуваниот професор не рекол дека за таа тајна ќе треба да се плати најскапа цена. За љубовта кон она што веќе сурово е осудено. За честа, верата, надежта и убавината. Бидејќи, само што започнало „Времето на апокалипсата, и сите традиционални човекови вредности ќе бидат поништени. И тогаш уметникот заминал во својот парелелен свет, каде се населил, сега веќе засекогаш. Заминал во непрестајната работа со скелиња по витражните работилници каде, од година во година, создавал нови и нови полихромии, мозаици и витражи. Но и тука му била потребна грижата на неговиот ангел чувар, бидејќи ниту овде, во татковината и на своите предци, не можел да помине без злоба и тиранија од опкружувањето. За било која од страните во тоталниот конфликт, тој бил туѓинец. Па токму поради тоа бил наклеветан на Германскиот казнен одред од страна на првиот сосед, кој бил одговорен за култура и информации, „за секој случај како православен, т.е. потенцијален симпатизер на Советскиот сојуз. А наскоро ќе се најде и во самица на Советската НКВД, која била нешто како југословенската УДБА. Таму му било „ветено дека ќе му подготват случајна сообраќајна несреќа, или самоубиство, ако се одрекне од „честа да служи како комунистички оперативец внатре во црковната средина, но тој сепак неустрашливо ја одбил таа чест. Во крајна сметка, го спасило неговото веќе тогаш нашироко познато мајсторство. Тој бил голем уметник и неговата уметност била високо ценета, па поради тоа и му била испружени раце за помош. Меѓу тие раце биле и две моќни десници. Едната била од страна на Варшавскиот митрополит Василиј, Поглавар на Полската православна црква, а втората од страна на Краковскиот бискуп Карол Војтила, идниот папа Римски – Јован Павле Втори. Тие го спасиле, доверувајќи му работа во десетина римокатолички и православни цркви. А „времето на апокалипсата, во кое уметникот живеел, сеедно што не можело да го уништи физички, воопшто не ја заборавило својата разурнувачка обврска. Тоа успеало на наследството на мајсторот да го стави печатот на тишината, на цензурата, која дури и за неколку децении ги надживеала оние коишто ја наметнале. Дури сега, преку триесет години од смртта на уметникот во 1985 година, неговата уметност се враќа во живот. Таа се враќа во сето свое богатство и големина, како што своевремено се враќале ремек-делата на непознатите средновековните мајстори. Бидејќи, заминувањето „во пустина, како и секогаш е единствениот достоен пат на големите мајстори на уметноста. Во таа самотија, во тишината на своето срце, тие конечно можат да го отпочнат создавачкиот дијалог со универзумот, со својот Господ. И да создаваат само за Него. Таквите дела незабележливо попримаат димензија кои и се непознати на секојдневницата, кои се универзални, бесмртни и невременски. Зрелите дела на уметникот се поја-вуваат многу рано, уште во гимназиското школување од 1924 година. Всушност, тогаш и настанува циклусот од исклучителните портрети кој го наговестува великиот уметник. Настануваат десетина скици, цртежи и слики, кои ја откриваат психолошката длабочина и карактерот на различни персони. Драматизмот и уме-шноста да ги покаже најдлабоките состојби на човековата душа, уметникот често ќе ги збогатува со сè понови и понови творечки откритија. Покрај портретите од тој период, восхитување предизвикуваат и многубројните цртежи на коњи, секогаш претставени во драматична поза, која ја подвлекува суровата убавина на тие животни. Својот пат во мистиката на сакралната, свештена уметност, овој уметник го започнал, како што тоа често бива, непланирано. Пред крајот на своите студии, во 1932 година, неговиот колега од Академијата за уметност, Јан Цихоњ, го повикал за да му помогне околу реставрацијата на старата римокатоличка дрвена црквичка во Харклов, во провинцијата Подхал. Била доволна таа единствена работа, та кај уметникот да се разбуди, на него својственото источно, византиско сфаќање на уметноста. Уметноста како возвишено служење на иконописецот, кој на земјата и донесува образец на небесната убавина. Веќе во првите полихромии се забележува огромното интересирање на уметникот за народната култура. Тој, неа ја издигнал на уметнички Парнас, раководејќи се од нему познатата краковска традиција на „Млада Полска – полскиот Art Nouvea. Тој стои во истиот ред со таквите мајстори, како што се: Станислав Виспијански и Јузеф Мехофер. Полихромиите во градовите Радом (1941), Бобин (1943) и Михалов (1954) може да се вбројат меѓу највредните ремек-дела од ѕидната уметност од тој тип. Кога се чинело дека настапил врвот на лирската генијалност на уметникот, потопен во чудесната декоративност на народниот орнамент, тој неочекувано го прифаќа предизвикот кој во лице прво му ја фрла нацистичката, а потоа и комунистичката физичка и духовна катастрофа. Тој предизвик го прифаќа преку новиот материјал – витражот. Работите на уметникот престануваат да бидат чудесна, рајска градина, каде во секој миг би можело да се слушне шум од ангелските крилја. Тие постануваат поле за битка меѓу доброто и злото. Битка, која се води на уметничките простори, паралелно со непрестајно растечкиот број земни војни. Таа битка од него бара најсовремено оружје. Тогаш уметникот посегнува по оружјето на апстракцијата, авангардата и кубизмот. Со несфатливо мајсторство тој буквално владее со најпростите геометриски форми, од кои создава портрети на гиганти на духот – пророци, апостоли, светители. Тоа веќе не се портрети на луѓе какви што ние ги знаеме од нашето земско искуство. Тоа се портрети на херои на верата, способни да истраат пред постојаната сеопфатна Апокалипса. Со тие ликови тој ги исполнува прозорите во храмовите во: Тшебовинско (1949–56), Зверциј (1955–64), Ниса (1957–60), Вжешчув (1958), Розвадов кај Љубљин (1953–61), Анопол (1961), Радом (1965) Битом-Оджански (1967), Тенчинек (1968–70), Грод Белостоцки (1953–58), Варшава (1959), Вроцлав (1964). Моќта на цртежите ја поткрепува силата на боите кои достигнуваат океански длабочини. Неговата уметност восхитува, но истовремено и вознемирува. Ги вознемирува комунистичките властодржци, кои во 1962 година, на денот на отворањето на изложбата на „премногу духовните витражи на Адам Сталони Добжански, истата веднаш ја затвораат. Тие наложуваат цензура со цел краковскиот уметник да го избришаат од страниците на историјата на полската култура. Тоа било апсолутна забрана на изложби, на публикации, на било какво присуство во медиумите, вклучувајќи ги и црковните средства за информирање. И секако, се симнува од екранот филмот, овенчан победничка слава, кој само што се вратил во 1958 г. од Венецијанскиот фестивал на краткометражен филм, освојувајќи го првото место. Тоа е филмот на познатиот полски режисер Јан Ломницки кој објаснувал како под рацете на мајсторот никнуваат восхитувачки и необични витражи бидејќи тоа се првите црковни витражи, во светот кои во себе ги содржат, ги соединуваат светлоста на готското стакло и мистиката од византиската икона. Сепак, тие репресалии не биле најболни за краковскиот уметник. Јас се плашам – еднаш се обратил кон своите ближни – за иднината. Уметноста и уметниците секогаш имале дар на интуиција, дар да го претчувствуваат времето кое доаѓа. А денес уметноста стана претсобје на адот, сака да биде пратеник на смртта. Дали воопшто не виделе што ни донесува иднината без традиција, без надеж и без вера? Адам Сталони Добжански не создал своја сопствена школа, тој нема ниту ученици, ниту наследници. Како и многу други најисклучителни мајстори, тој останува засекогаш ненадминат, сам. Фигурата на забранетиот уметник исчезнува од општествениот простор, а неговите работи – дури и витражите – полека заминуваат во сенка. Заборавен од сите, тој умира во Краков, во 1985 година. Во текот на наредните триесетина години, неговото уметничко наследство на иконописец останува неизвесно, како за верниците така и за специјалистите – историчарите и критичарите на уметноста, музејските работници, теолозите, за иконописците. Во многу храмови, новото поколение свештеници дури не го знае ни името на уметникот кој само неколку десетици години претходно создал во нивните храмови полихромии и витражи од висока вредност. Во некои храмови фреските од овој уметник биле дури и покриени со вар. Триесет години поминаа како трите дена поминати во гробот пред воскресението. Денес духовното наследство на Адам Сталони Добжански, от-странувајќи го надгробниот камен, се појави во својата полна слава пред нашите очи. Тоа за странската публика постана водич низ полската уметност од дваесеттиот век. Многумина се воодушевени од многуте значења кои тоа ги содржи – канонско, уметничко, богословско... мистично. Многумина започнуваат во него да откриваат неповторлив уметнички, теолошки, и во прв ред, мистичен феномен. Адам Сталони Добжански не умрел залудно за овој свет, бидејќи истовремено се родил на Небото. Во тоа нема потреба да се верува, да се објаснува, и да се интерпретира. Тоа е очигледно и за најобичниот набљудувач. Мистичното видение на уметникот им е достапно на нашите сетила. Сосема е јасно дека ние, наоѓајќи се пред убавината на неговите витражи, икони, фрески, и мозаици, се наоѓаме пред небесните порти. Овој проект е само дел од поголемата и поширока програма за подготовка на музејот и ширење на неговата уметност, и глобалната евангелска порака.





| ГЛАВНА СТРАНИЦА | КОНТАКТ | НОВОСТИ | УМЕТНИК | СОЗДАВАЊЕ | КАТАЛОЗИ И МАТЕРИЈАЛИ | ФИЛМОВИ | ИЗЛОЖБИ | ПОКРОВИТЕЛСТВА | Deep. © 2011-2018